Обама: Америка да биде подобра земја за средната класа
Ова е негово шесто последователно обраќање, но прво во Конгрес во кој и Сенатот и Претставничкиот дом се под контрола на Републиканците...

Економијата - главна тема во годишното обраќање до нацијата на американскиот претседател Барак Обама. Тој изјави дека по години на војна и на рецесија, сенката на кризата помина и оти состојбата на нацијата е силна. Повика на зголемување на даноците за богатите и вети дека Америка ќе ја направи подобра земја за живеење на средната класа.
„Нашата економија расте и креира работни места со најбрзо темпо од 1999-та. Невработеноста е пониска од времето пред финансиската криза. Повеќе наши деца дипломираат од кога било порано, повеќе наши луѓе се осигурени од кога било порано. Ослободени сме од зависноста на странска нафта како што не било 30 години“, изјави американскиот претседател Барак Обама.
Ова е негово шесто последователно обраќање, но прво во Конгрес во кој и Сенатот и Претставничкиот дом се под контрола на Републиканците. Во врска со надворешната политика, Обама повика на, како што рече, „помудро американско лидерство“, односно комбинација на воена сила и на силна дипломатија. Вети неуморна борба против терористите „од Пакистан до улиците на Париз“ и побара од Конгресот да ги усвои новите воени овластувања против милитантите на Исламска држава.
„Ќе продолжиме да ги следиме терористите и да ги уништуваме нивните мрежи. Го задржуваме правото да дејствуваме еднострано за да ги елиминираме терористите, кои претставуваат непосредна закана за нас и нашите сојузници“, нагласи Обама.
По обраќањето, Обама ќе посети повеќе американски градови и држави.
Марија Петковска
