Франција ја засилува борбата против тероризмот

21.01.2015 16:10

Франција по терористичките атентати од 7-ми и 9-ти јануари реши да ја засили борбата против тероризмот, покрај конкретните безбедносни мерки, владата најави околу 3.000 нови вработувања и околу половина милијарди евра за опремување на безбедносните служби. Новите мерки и дополнителните средства наменети за борбата против терроизмот ги претстави премиерот Мануел Валс, по состанокот во Елисејската палата со претседателот Франсоа Оланд и министрите за внатрешни, за одбрана, правда и за надворешни работи...

Француските антитерористички служби ќе бидат засилени со нови 2.680 нови работни места во следните три години, со финансиска поддршка од 425 милиони евра кои ќе бидат наменети за опремување и функционирање на службите, износ што ќе достигне 735 милиони евра вклучувајќи ги и платите за нововработените.

„Ризикот нула не постои, наша должност е да дејствуваме. Заканата и натаму  е многу голема. Ние треба да им ја кажеме вистината на Французите“ – изјави премиерот Мануел Валс на конференцијата за печатотот.

Вкупно 122.000 припадници на полицијата, жандармеријата и војската ги обезбедуваат чувствителните објекти и јавните установи во Франција, синагогите и еврејските училишта, џамиите и исламските училишта, но и зградите на институциите.

Денес е потребно да се следат околу 1.300 лица, французи или странци кои живеат во Франција, поради нивната вмешаност во терористичките мрежи во Сирија и Ирак. Тоа е зголемување за 130% за само една година“, изјави францускиот премиер.

Според Валс, ним треба да им се додадат и околу 400  до 500 лица од постарите мрежи од други земји, како и главните креатори на франкофонската сајбер-џихадистичка мрежа.  Тоа се вкупно околу 3000 лица чии активности треба да се следат.

Покрај засилените безбедносни мерки е предвидена и програма за превенција на радикализацијата на младите. Следење на интернетот и претставување нов закон за тајните служби, што ќе треба да ја зајакне нивната работа и да ги надополни досегашните пропусти.

Следната етапа е воведување листа на патници во воздушниот сообраќај, слична на американската, што е најавено за септември. За тоа во моментов се дебатира во Европскиот парламент.

 

Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ