Обвинетиот за убиството на Ангел Петковски не се чувствува виновен

21.01.2015 16:31

Обвинетиот Насер Ешрефи, не се чувствува виновен. Убиството, како што рече неговиот адвокат го сторил во афект и нужна одбрана и побара ново психијатриско вештачење. Ножот со кој е извршено убиството не е пронајден...

„Тато, овој ме прободе со нож.“ Ова се последните зборови на Ангел Петковски од скопски Ѓорче Петров кој лани во мај до смрт беше избоден со нож од крадецот на неговиот велосипед. За трагедијата сведочеше неговиот татко Сашо. Постариот син му умрел на рацете на прагот на очната болница.

Обвинетиот Насер Ешрефи, не се чувствува виновен. Убиството, како што рече неговиот адвокат го сторил во афект и нужна одбрана и побара ново психијатриско вештачење. Ножот со кој е извршено убиството не е пронајден.

„Недостасуваат сериозни сегменти во кои се содржани крунски докази за одбраната, така што нема да отстапиме од нашето барање да ни биде врачен дискот од видеоснимките и странска експертиза доколку се утврди дека во Македонија немаме таква институција која ќе врши такво вештачење“, изјави адвокатот на обвинетиот, Ангел Георгиев.

Ешрефи го украл велоспиедот од дворот на Петковски и избегал. Таткото и синот тргнале по него и го пречекале на насипот пред болницата. Тука настанала тепачка, во која според обвинителството, Ешрефи извадил нож и смртно го ранил Ангел. Таткото во обид да си го спаси синот, зел дрво и неколку пати го удрил обвинетиот. По ударите Ешрефи побегнал, а Сашо и Ангел побарале помош во блиската болница, но било предоцна.

„За која нужна одбрана зборуваме тука кога обвинетиот, убиецот има оружје, додека другата страна нема никакво оружје. Нужната одбрана си има правила на игра“, вели адвокатот на семејството Петковски, Душко Јовановиќ.

За украдениот велосипед судот го казни обвинетиот со една година условно.

 

Анита Димитријевска