Курц: Опозицијата да се врати во парламентот

21.01.2015 17:12

Молба како порака опозицијата да се врати во парламентот стигна од австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц кој е во посета на земјава. Според него, спорот за името трае подолго и им штети и на двете земји и на Европа. Министерот Попоски со големи очекувања за годинешната конференција за Западен Балкан која ќе се одржи во Виена...

Опозицијата треба да се врати во Парламентот бидејќи таму е местото за политички дијалог - порача шефот на австриската дипломатија, Себастијан Курц по средбата со домаќинот, министерот Никола Попоски. Според него, неопходните реформи мора да продолжат.

„Како партнери, имаме очекувања околу тоа како треба да се одвиваат работите. За да може да се гарантира бизнис-клима нужни се реформи како на економски, така и на планот на правдата. Ја замолувам и опозицијата да се врати во Парламентот бидејќи тоа е местото за политички дијалог и дискурс“, изјави министерот за надворешни работи на Австрија, Себастијан Курц.

Курц вели дека Македонија има европска перспектива, но, за да се оствари тоа потребно е да се реши спорот за името кој, според него, трае предолго. Оптимист е  дека по изборите во Грција ќе има поголема динамика во разговорите.

„Спорот трае предолго и нерешавањето на името им штети на Европа и на двете земји. За мене е сосема нејасно зошто во овој долг период нема никакво придвижување на работите. Двете држави имаат многу поважни работи за решавање, пред се прашања од економската сфера и реформите кои треба да водат до благосостојба. Австрија е подготвена да изврши притисок за да се внесе динамика во процесот“, нагласи Курц.

По Берлин, во Виена на 27-ми август ќе се одржи Конференција за Западен Балкан на чија агенда заедно со Австрија, ќе работи и Македонија. Министерот Попоски вели дека конференцијата ќе биде мотор за регионалната соработка и инфраструктурата.

„Најпотребно за Македонија е да го искористиме инструментот пристапен дијалог на високо ниво со Европската комисија, да продолжиме со реформите кои ни се значајни во секој случај, и пред и после членството во Европската унија и на тој начин да помогнеме за создавање на една поволна клима“, изјави шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски.

Австрискиот министер беше на средби и со претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Никола Груевски. Шефот на државата нагласил дека отворањето на пристапните преговори со ЕУ како најважна цел за Република Македонија, ќе придонесат за засилување на реформските процеси и за поуспешно соочување со предизвиците. 

Премиерот Груевски изразил благодарност за активната поддршка која ја дава Австрија за македонските евроатлански интеграции. Со Курц се согласиле  дека треба да се искристат дополнителните можности за унапредување на трговската соработка. Австрија е втор најголем инвеститор во Македонија со 437 милиони евра инвестиции во 50 претпријатија.

 

Лидија Чакар