Македонија 53-та по економска слобода во светот
Македонија се најде на 53-то место во светот според индексот на економска слобода за 2015-та година, рангирање кое го изработуваат Фондацијата „Херитиџ“ и „Волстрит Журнал“. Земјава е над светскиот и регионалниот просек, во групата умерено слободни земји. Во профилот за Македонија стои дека е направен значителен напредок за зголемување на приходите и намалување на сиромшатијата...

53-ти од 186 анализирани држави во светот. Македонија и во најновото рангирање за економската слобода, со 67,1 поен е прва во регионот и е над светскиот просек, иако со послаб резултат во однос на лани за 1,5 бод. Во изминатиов период сме се подобриле во делот на трговските слободи и кај индикаторот каде што стоевме најслабо – корупцијата. Одредено влошување има кај бизнис, монетарните и слободите на пазарот на трудот, иако тука се уште сме во групите целосно или речиси целосно слободни земји.
„Македонија во изминатите пет години направи забележителен напредок кај половина од 10-те економски слободи, вклучувајќи ја бизнис слободата, намалувањето на корупцијата, трговската слобода. Постигнат е значителен напредок во зголемувањето на приходите и намалувањето на сиромаштијата“ – стои во профилот на нашата земја.
Македонија е целосно слободна кај фискалната и трговската слобода, речиси слободна во делот на монетарните, бизнис и слободите на пазарот на трудот, умерено слободна кај државните трошења, инвестициските и финансиските слободи. Најлошо стоиме кај заштитата на сопственоста и корупцијата.
Македонија е најдобро рангирана во регионот, а во Европа сме на средината од табелата. Целосната листа ја предводат Хонг Конг, Сингапур, Нов Зеланд, а на дното се Венецуела, Куба и Северна Кореја.
Мартин Пушевски
