Антисемитизмот не е минато

27.01.2015 16:26

7.144 евреи од Македонија беа депортирани и убиени во Аушвиц. На Меѓународниот ден за сеќавање на жртвите порака- ужасот и страдањето на еден народ не смее да се заборави...

Најновите напади во Франција се доказ дека антисемитизмот не е минато, иако годинава се одбележуваат седум децении од холокаустот на Евреите. 7.144 евреи од Македонија беа депортирани и убиени во Аушвиц. На Меѓународниот ден за сеќавање на жртвите порака-  ужасот и страдањето на еден народ не смее да се заборави.

„Денес во поедини делови на светот, па и во срцето на прогресивната Европа, да бидеш евреин, повторно почнува да биде опасно. За жал идеите за уништување на евреите сеуште постојат. Светот плати огромна цена за колебливоста во спротивставувањето на Хитлер“, изјави Пепо Леви, Еврејска заедница во РМ.

Македонија ги почитува одредбите од Стокхолмската декларација и во време на нетолеранција, дискриминација и антисемитизам во светски рамки, овој форум треба да даде јасна слика за улогата на дипломатијата во расветлувањето на холокаустот на Евреите.

„Наша обврска е заеднички да работиме на утврдување на улогата на дипломатијата и дипломатите во тие настани за да можеме на денешните и идните генерации да им ја претставиме вистинската слика со цел никогаш повеќе да не дозволиме такви или слични настани да се повторат“, изјави министерот за надворешни работи, Никола Попоски.

Со него се согласи и амбасадорот на Израел во Македонија, Дан Уријан кој вели дека дипломатите ако се во вистинско време на вистинско место можат да направат многу, да спасат човечки живот.

„Активностите на терористите во светот како ИСИС и Боко Харам и случувањата во Париз, покажаа дека антисемитизмот е закана која постои и пред која не смеат да се затворат очите“, изјави амбасадорот Уријан.

Во текот на Втората светска војна загинаа преку 50 милиони луѓе, а уништена и една третина од еврејската популација.

 

Лидија Чакар