По екстрадицијата, Дрпљанин ќе биде предмет на дополнителна истага

27.01.2015 16:31

35-годишниот Дрпљанин има богато криминално досие. Од разбојништва, тешки кражби до убиства. Во мај 2010-та е осуден на доживотен затвор за убиството на Африм Арифи...

Испорачан во Македонија еден од најбараните убијци и криминалци, Алмир Дрпљанин. Неговата екстрадиција се очекуваше веќе две години. Косовската полиција на Блаце го предаде на македонските колеги кои го пречекаа со силно полициско обезбедување, по што беше спроведен во штипскиот затвор каде што ќе ги одлежува многубројните изречени затворски казни, меѓу кои и доживотни.

35-годишниот Дрпљанин има богато криминално досие. Од разбојништва, тешки кражби до убиства. Во мај 2010-та е осуден на доживотен затвор за убиството на Африм Арифи, припадник на полициската мобилна единица Алфа, што се случи во ноември 2008-та кај ПМФ, кога уште двајца негови колеги за влакно избегаа од смртта.

15 години затвор заработи за разбојништво извршено врз комбето на Македонски пошти во населбата Чаир, кога беа украдени 900 илјади евра. Осомничен е и за уште едно разбојништво во Скопје, во кое беа украдени над 4 милиони денари и за грабеж во тетовска златарница, од каде што беше однесено злато вредно стотина илјади евра.

Постојат сериозни индиции дека Алмир Дрпљанин беше инволвиран и во други тешки кривични дела извршени на територијата на Република Македонија за кои до овој момент се уште  не му е поднесена кривична пријава. Со оглед на фактот што голем дел од нив не застаруваат, по неговата екстрадиција, Дрпљанин ќе биде предмет на дополнителна истрага“, изјави Иво Котевски – помошник министер за односи сојавноста во МВР.

Дрпљанин беше уапсен летото 2012-та на Косово, по што почна постапката за негова екстрадиција. Откриен е и приведен во Урошевац, а во станот во кој престојувал косовските полицајци најдоа огромен арсенал оружје - автоматски пушки, пиштоли, снајпер, панцири и униформи, големо количество злато за кое се претпоставува дека потекнува од вооружените грабежи во Скопје и Тетово.

 

Наташа Гркова-Петрушевска