Колку биле присутни и активни пратениците во втората половина на 2014-та?!

30.01.2015 15:19

Ахмети веќе 12 години е пратеник и како по правило редовно ја предводи листата на оние што оправдано отсуствувале. По него се сопартијците Хазби Лика и Ермира Мехмети...

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети ја предводи листата на пратеници со најмногу оправдани отсуства од пленарните седници, дури 47. Ахмети веќе 12 години е пратеник и како по правило редовно ја предводи листата на оние што оправдано отсуствувале. По него се сопартијците Хазби Лика и Ермира Мехмети.

На табелата следува лидерот на опозициската ДПА, Мендух Тачи. Листата на најредовните  или на оние без ниту едно отсуство на пленарните седници е подолга. Ја отвора собранискиот спикер Вељаноски, зад него е координаторот  на ВМРО- ДПМНЕ, Илија Димовски и добар дел од пратениците на коалицијата предводена од владејачката партија.

Следната статистика е за тоа кој најмногу говорел, а кој не отворил уста. Роза Топузова-Каревска со 61 дискусија е прва на листата собраниски оратори. Зад неа се 5 пратеници од ВМРО- ДПМНЕ. Списокот на оние што не застанале пред микрофонот, разбирливо, многу подолг.  

Како што стои во информаторот, тоа се пратениците во оставка од СДСМ и коалициските партнери, па лидерите на ДУИ и на ДПА, Ахмети и Тачи.

Пратениците од СДСМ и нивните коалициски партнери повеќе од шест месеци не учествуваат во работата на собранието. Иако, матичната Комисија за мандатни и имунитетни прашања констатира дека неоправдано се отсутни, на пленарната седница пред речиси еден месец, тоа не помина.

На ранг листата за најмногу поставени пратенички прашања е пратеникот  Никола Мицевски. Најмногу закони предложиле Талат Џафери од ДУИ, вкупно пет, и Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, четири.

Очекувано ДПА го држи приматот во доставените амандмани.

Публикацијата „Мој пратеник“ се презентира по 14- ти пат и го опфаќа периодот мај-декември 2014-та.

 

Милчо Велески