Од политичкиот дијалог зависи напредокот на евроинтеграциите
За нешто помалку од две недели во Скопје доаѓа еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан. Очекува да ја види опозицијата во парламент и интензивирање на политичкиот дијалог во земјава, во спротивно, Македонија нема да го продолжи дијалогот на високо ниво. Политичките случувања во земјава се најголема кочница во моментот, секое нивно придвижување би донело напредок на евроинтегративниот пат, вели вицепремиерот Бесими...

Реални се шансите Македонија да не го продолжи високиот дијалог со Европската унија. Ваква разочарувачка порака соопшти вицепремиерот за евроинтеграции, Фатмир Бесими на денешниот работен појадок со новинарите. Рече дека за донесување конечна одлука од Европската унија постојат два услова.
Враќањето на опозицијата во парламентот и интензивирање на политичкиот дијалог во земјава- ова се двата услова што ги бараат серија европски дипломати кои доаѓаат овој месец во посета. Од нив ќе зависат решенијата за напредокот за евроинтегративниот пат на земјава.
Иако во јавноста се зборува за тоа дека во моментот се водат некакви преговори меѓу владеачката партија и опозицијата, бесими не сака да открива повеќе детали.
„Точно е дека има напори опозицијата да се врати во Собрание. Јас сметам дека е добро да се создаде поволна клима уште пред посетата на Хан за да можеме со него да договориме следна посета на која би разговарале за високиот дијалог и деталите за негово продолжување“, истакна Бесими.
Во однос на промената на власта во Грција, и евентуално поместување во преговорите со Атина, Бесими оцени дека многу е рано да се прават какви било проценки, и дека во моментот каква било иницијативност од Македонија би била избрзана.
Според него, треба да се почекаат ставовите од грчка страна. Затоа, рече тој, Македонија треба да остане проактивна и да покаже отвореност и подготвеност за разговори околу ова прашање.
Нема промена ниту во ставот на НАТО. Целосно решавање на спорот со името е потребно за влез во Алијансата. Ова стои во годишниот извештај на организацијата.
Катерина Топалова- Дејановска
