Критчна состојба: Западна Бугарија под вода

02.02.2015 16:20

Поплавени се голем број домови, а во некои делови веќе 24 часа нема струја. Во Бургас меѓу жителите владее паника, поради нивото на водата што постојано расте...

Западна Бугарија под вода. Состојбата е алармантна, откако изобилните дождови предизвикаа излевање на неколку реки. Сепак, најкритично е на другата страна од земјата, во Бургас, Варна, Добрич, Хасково и Сливен. Повеќе од 400 пожарникари се на терен и помагаат во евакуацијата на повеќе од 250 жители. Поплавени се голем број домови, а во некои делови веќе 24 часа нема струја. Во Бургас меѓу жителите владее паника, поради нивото на водата што постојано расте.

„За петнаесет минути подрумите се наполнија со вода, којзнае што ќе се случи за еден час“, вели жител на Бургас.

Поплавите ги зедоа и првите жртви. Пет лица загинаа меѓу нив и едно дете, а една жена е исчезната во близина до градот Петрич.  Во Смољан е прогласена вонредна состојба,  силниот ветер и надојдената вода  уништија  се пред себе. Локалните жители масовно се евакуираат. Во спасувачката акција е ангажирана и војската. Поројните дождови предизвикаа одрони и свлечишта, неколку села се целосно отсечени. Во повеќе региони и сообраќајот е во прекин.  

„Видете колку има вода не можам да излезам од дома. Ние ја исфрламе водата од домовите, таа повторно надоаѓа“, велат жителите.

Бугарското министерство за животна средина го повика населението да замине на посигурни и повисоки места. Поројните дождови предизвикаа поплави и во Албанија, во северна Грција и во Турција.

 

Марија Петковска