Поплави: Се градат насипи во Пелагонија
Критичните точки се утврдени, се прави план за превенција да не се зафатат поголеми површини. Веќе има насипи во повеќе места во Пелагонија. Во акцијата се вклучени припадници на АРМ...

Топлото време коешто го топи снегот и најавите за поројни врнежи го вклучија алармот кај надлежните за превенирање. Во Пелагонискиот дел надојдената вода си бара простор. Црна Река се излева од своето корито. Рамните полиња се полни со вода.
МТВ и од воздух ја долови сликата во Пелагонија, едно од најпогодените подрачја. И претседателот Иванов со началникот на ГШ Котески и со министерот Ивановски детално ја следеше состојбата што е алармантна од надојдената вода и поплавите.
Критичните точки се утврдени, се прави план за превенција да не се зафатат поголеми површини. Веќе има насипи во повеќе места во Пелагонија. Во акцијата се вклучени припадници на АРМ.
„Армијата е тука со 250 припадници настојува во текот на денешниов ден да постави околу 10 илјади вреќи со песок кои колку толку да ја санираат состојбата. Надлежните институции да имаат секогаш предвид , превентивно секогаш да се преземаат активностите“, изјави претседателот Ѓорге Иванов.
Во превенирањето и санирањето на штетите вклучени се 700-тини војници на АРМ и механизација, а помагаат и во снабдувањето со гориво на општините зафатени од поплавите. Началникот посочува дека се подготвени два тима на воздухопловната бригада што може да интервенираат за евакуација доколку има потреба.
„АРМ го даде својот максимум и е подготвена да ги вложи сите капацитети во помош на граѓаните и локалните самоуправи кои се погодени од поплавите“, изјави генерал потполковник Горанчо Котески – началник на ГШ на АРМ.
Само 6 илјади вреќи со песок беа ставени на точките во село Тројкрст од каде што се очекува поголемо излевање на Црна Река. Се прават напори коритото на Црна Река кај селото Тројкрст да се врати во првобитната состојба и да се заштитат жителите долж течението.
Излевањето на Црна река е критично и во Лознани. Во акцијата се вклучени и јавните претпријатија и локалното население.
„Моментално од Прилеп се ангажирани преку 100 лица од јавните претпријатија кои работат на поставување вреќи со песок на сите оние критични места каде што може во иднина да дојде до излевање на реката“, вели градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.
„Преземаме санирање на дел од коритото затоа што количината на водата која што доаѓа преку полето, доаѓа и до битолските села. За да ја намалиме таа количина и да ја насочиме точно во коритото,практично интервенираме“, изјави Владимир Талевски, градоначалник на Битола.
Од поројните дождови и топењето на снегот, кој се уште го има во големи количини зафатен е и Демир Хисар. Два дена жителите кај местото Мургашево се бореле со водната стихија.
Надлежните од Демир Хисар објаснуваа како се справувале со водата. Се работи со механизација за Стара река повторно да не навлезе во куќите.
Кризниот штаб ја следи ситуацијата на сите поплавени подрачја низ државава. Жителите кои се соочија со оваа катастрофа мора да ги почитуваат препораките на надлежните кои се со нив на терен.
Наташа Гркова- Петрушевска
