Заразни заболувања во поплавените подрачја засега нема

03.02.2015 18:28

Здравствените работници апелираат граѓаните да пијат флаширана вода. Најавуваат дека водоводите ќе се прочистуваат со таблети...

Се уште нема појава на заразни заболувања во поплавените подрачја. Во Штип,  Пробиштип, Неготино и во помалите места зафатени од поплавите водата не е безбедна за пиење. Здравствените работници апелираат граѓаните да пијат флаширана вода. Најавуваат дека водоводите ќе се прочистуваат со таблети. 

„Такви таблети во два наврати во минатото имаме обезбедено и преку Центрите за јавно здравје ќе бидат дистрибуирани“, изјави д-р Михаил Кочубовски- епидемиолог во Институтот за јавно здравје.

„Имаме контакт со Центрите за јавно здравје за едукација и информација на населението, во прв ред едукација на загрозените подрачја каде имаме проблем со водоснабдувањето“, вели д-р Жарко Караџовски- епидемиолог во Институтот  за јавно здравје.

Дадени се препораки за дезинфекција на градинките и училиштата. Медицински епипи постојано се на терен и ја контролираат состојбата.

„Целта ни е во овој момент да превенираме тешки загрозувачки состојби, да може веднаш да се помогне да се интервенира, но да спречиме и појава на заразни болести“, вели д-р Јованка Костовска - Комисија за заштита од заразни заболувања.

На граѓаните во попладневните места поделени им се флаери со препораки како да постапуваат во вакви услови.  

 

Андријана Атанасовска