Пресечениот пат за РЕК Битола единствена алтернатива за спас на Новаци

04.02.2015 15:45

Новаци е под голема водена закана. Количините од вода на прелеаната Црна Река кај Радобор стигнаа и до првите куќи, а едно семејство е веке евекуирано. Големиот воден бран го поткопува и регионалниот пат Битола – РЕК Битола. За да се намали притисокот и ослободат поголеми количини на вода патот е пресечен...

За да се спаси Новаци од поголема какастрофа се пресече регионалниот пат од стратешко значење што води до РЕК Битола. Проценката беше дека ова е единствената можност да се намали притисокот на големата водена маса која доаѓа од преливањето на Црна Река кај могилското село Радобор.

„Оваа одлука ја донесовме по долги размислувања и консултации. Мораше да се пресекува патот доколку не сакавме да го жртвуваме имотот и безбедноста на граѓаните. Сообраќајот ќе го пренасочиме преку маршутата Тополчани-Добрушево – Ношпал – Новаци“, рече градоначалникот  на општина Новаци, Лазар Котевски.

Плодната Пелагонија сега веќе наликува на море. Длабочината во нивите изнесува неколку метри. И покрај тоа што новачани од ноќеска вложуваат надчовечки напори, водата веќе ги нападна и првите куќи, а едно семејство е евекуирано.

„И сами гледате дека нема многу истек. Од ноќеска правиме насипи, веќе сме уморни. Водата влегува во некои куќи населението е во паника“, вели новачанецот Томе Раденковски.

„Населението е максимално вклучено, полниме вреќи правиме насипи, но ова е голема количина на вода, мора да се направат дополнителни отвори“, вели еден од неговите соселани.

Под вода е и манастирот „Рожденство на Пресвета Богородица“.

„Не помогнаа ни каналите кои синоќа ги правевме. Водата во храмот навлезе над три метри, многу фрески се уништени“, вели Вељо Тантаров, претседател на црковниот одбор.

Колку ќе помогне сечењто на патот ќе се пошувствува до вечер. Засега нема опасност по РЕК Битола. Единствен проблем е тоа што смените на работниците треба да се одвиваат по алтернативниот пат Ношпал- Добрушево- Тополчани.

Дополнителен немир создава и врнежливото време и обилните врнежи од снег на Пелистер.

 

Стевче Митревски