Акција за помош на поплавените подрачја: За 24 часа собрани 620 илајди денари
Засега се собрани доволни количества вода и средства за дезинфкеција. До 15 –ти месецов со повик на телефоните 143 400 на сите мобилни оператори граѓаните ќе можат да донираат 100 денари...

620 илјади денари собрале хуманите граѓани за неполни 24 часа. Со овие пари ќе им се помага на семејствата чии имоти настрадаа во поплавените подрачја. Засега се собрани доволни количества вода и средства за дезинфкеција. До 15 –ти месецов со повик на телефоните 143 400 на сите мобилни оператори граѓаните ќе можат да донираат 100 денари.
Пари може да се донираат и на сметката на фондот на солидарност, а отворена е и девизна сметка за донации од странство. Волонтерите на Црвен крст и надлежните се на терен.
„Нашите проценки зборуваат дека со хуманитарна помош треба да бидат опфатени некаде околу 650 семејства. Во текот на изминатите денови согласно нашите активности и во текот на изминатите денови и во текот на денешниот ден веќе околу 300 семејства се покриени, а во наредните денови ќе бидат сите покриени, што ќе значи дека ќе се обезбеди првиот хуманитарен договор кон тие семејства“, изјави Саит Саити, генерален секретар на Црвен крст на Македонија.
Првичното скенирање на теренот покажува дека над 100 семејства се во ризик. Министерството за труд ќе интервенира со еднократна парична помош, а државата ќе се откаже од ДДВ-то.
„Ослободувањето од ДДВ е за телефонските броеви кои во моментов се ставени на располагање за сите мобилни оператори. Секој од нас може да се јави и да донира средства за оштетените домаќинства од поплавите“, вели министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Данокот за додадена вредност ќе им се отпише на компаниите кои ќе донираат мебел и бела техника.
Наташа Јанчиќ