Саниран дефектот со водоснабдувањето во струмичко

04.02.2015 18:13

Според првите луѓе на Водовод, следува полнење и перење на цевководот и нормализирање на технолошкиот процес при филтрирањето, па се очекува водата во чешмите во градот и деветте населени места да потече вечерва...

Комуналните служби го санираа дефектот на главната водоводна линија што ја носи водата од браната Tурија до филтер станицата во Струмица. Според првите луѓе на Водовод, следува полнење и перење на цевководот и нормализирање на технолошкиот процес при филтрирањето, па се очекува водата во чешмите во градот и деветте населени места да потече вечерва.

Граѓаните со шишиња, кофи и канти во раце повеќе од 36 часа полнеа вода од резервните чешми во градот, од цистерните на противпожарната единица, вода донираше и Црвениот крст.

Инаку, продолжува контролираното испуштање вода од акумулациите Турија и Водоча. Увид направи заменик министерот за земјоделство, Ванчо Костадинов, кој истакна дека засега ситуацијата е под контрола.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство апелираат до фармерите да бидат внимателни при евентуални поплави, да го дислоцираат добитокот доколку имаат време или пак да го одврзат сам да побегне доколку додје ненадејна поплава.

Надлежните апелираат месното население заедно со месните кризни штабови будно да ја следат состојбата и да помагаат при евентуална критична ситуација.

 

Катерина Давчева