Борбата против тероризмот и мирот во Европа во фокус на американската стратегија за безбедност

11.02.2015 10:22

Американската Стратегија за национална безбедност до крајот на мандатот на Претседателот Барак Обама предвидува продолжување на борбата против тероризмот во светот, обезбедување на мир во Европа, продолжување на преговорите со Иран за нуклеарната програма и со Северна Кореја, како и отворен дијалог со земјите од регионот, како Куба...

Продолжување на европскиот проект е стратегија на Соединетите Американски Држави за Европа. Ова било разговарано и на последната средба меѓу американскиот претседател Барак Обама и германската канцеларка Ангела Меркел. САД очекуваат Грција да остане во еврозоната и да ги спроведе потребните реформи за подобрување на економијата, изјави заменик советникот за национална безбедност на американскиот претседател, Бен Роудс.

„Соединетите Американски Држави континуирано се за успех на европскиот проект и ја охрабруваме Грција да работи со европските земји и со ММФ, на справување со структурните реформи во економијата и еврозоната. Би сакале да видиме двоен процес на работа врз реформите и враќање на економските раст, што е најдобро остварливо во еврозоната“, изјави Бен Роудс, заменик советник за национална безбедност во Белата куќа.

Конфликтот во Украина е опасност за стабилноста на Европа и Вашингтон сака да види дипломатско решение. Американската стратегија за безбедност во вториот мандат на Претседателот Обама предвидува одговорност да преземат и земјите членки на НАТО, најпрво со зголемување на воениот буџет на потребните 2% од БДП.

„Украина е значителен предизвик на кој има различни одговори од земјите членки на НАТО. Германија на пример е против испраќање на оружје за Украина. Напад врз некоја земја членка ќе го активира членот 5 со воен одговор од страна на САД и Алијансата. Ние сакаме членот 5 да биде реалност, а не само текст на хартија“, додава Роудс.

Американската стратегија за безбедност предвидува формирање на нова агенција за борба против компјутерскиот тероризам, продолжување на нападите врз Исламската држава и спречување на странските борци. На самитот на антитерористичката коалиција во Вашингтон идната недела, ќе бидат усвоени неколку конкретни мерки за спречување на терористичките напади во Америка и во светот.

Главна преокупација на Администрацијата во Белата куќа е подготовка на самитот на антитерористичката коалиција во која членуваат околу 60 земји, меѓу кои е и Македонија.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ