Собранието го изгласа законот за трансформација во редовен работен однос
Со законот се предвидува сите лица кои биле ангажирани во работен однос кој не бил од траен карактер, односно не биле редовно вработени, а биле ангажирани во таков работен однос најмалку три месеци заклучно со 30 ноември 2014 година и се уште се со таков работен ангажман, да можат да остварат право за засновање редовен работен однос на неопределено време...

Собранието го изгласа законот за трансформација на работниот однос на околу 3 до 4 илјади хонорараци, вработени на договор на дело и волонтери во јавниот сектор.
Заменик министерот за финансии Ардијан Џеладини, образложувајќи го Законот, истакна дека откако тој ќе стапи во сила институциите каде што се ангажирани вработените се должни во рок од 30 дена да склучат договори за редовен работен однос со ангажираните лица.
Со законот се предвидува сите лица кои биле ангажирани во работен однос кој не бил од траен карактер, односно не биле редовно вработени, а биле ангажирани во таков работен однос најмалку три месеци заклучно со 30 ноември 2014 година и се уште се со таков работен ангажман, да можат да остварат право за засновање редовен работен однос на неопределено време.
Во периодот до стапување во сила на договорите за редовен работен однос лицата нема да останат без приходи, односно и понатаму ќе бидат ангажирани во институцијата на начинот на кој и во моментот се ангажирани, односно со волонтерски договор, договор на дело, авторски или друг договор и ќе добиваат паричен надомест по основ на тие видови договори.
Вработувањето ќе се врши во три етапи, од кои 35 проценти ќе добијат решение на неопределено веднаш, 35 до 1 декември и остатокот до септември идната година.
