Софијанова: Подготвена сум да поднесам морална одговорност и да се повлечам од комисијата

11.02.2015 14:48

По негативниот исход, на барање на мајката, Софијанова се запознала детално со случајот на Тамара. Утврдила дека станува збор за тешка болест која мора што поскоро да се третира. Вели, направила се што е во нејзина моќ случајот да биде повторно разгледан...

Подготвена сум да поднесам морална одговорност како член на Второстепената комисија на Фондот за здравство и да се повлечам од таа функција- изјави директорката на Детската клиника, доктор Аспазија Софијанова на брифингот со новинарите. По написите во медиумите дека таа со уште четворица членови на Комисијата донесоа негативна одлука за лекување на малата Тамара во странство.

„Решението го потпишав како претседавач, а не претседател на комисијата, која во мое отсуство едногласно одлучила според насокоите дадени од ФЗОМ, а според кои ќе се чека отворањето на Спиналниот центар. Морам да нагласам дека со ставањето потпис на веќе донесеното решение сметав дека е во насока на убрзување на целата постапка, бидејќи без правосилно решение не може да се преземат останатите правни мерки. Моето потпишување или непотпишување на решението кое е објавено во медиумите немаше на никој начин да ја смени одлуката која се носи со мнозинство гласови од членовите на комисијата и која е само потврда на мислењето на првостепената комисија која е составена од специјалисти од областа на ортопедијата кои најдобро можат да ја проценат состојбата на детето“- вели Софијанова во писмената изјава испратена до медиумите.

По негативниот исход, на барање на мајката, Софијанова се запознала детално со случајот на Тамара. Утврдила дека станува збор за тешка болест која мора што поскоро да се третира. Вели, направила се што е во нејзина моќ случајот да биде повторно разгледан по што Првостепената комисија донела позитивна одлука, но, за жал било предоцна.

За овој случај, обвинителството најави истрага. Министерот за здравство рече дека Комисија ќе проверува - зошто девојчето двапати било одбиено за операција и зошто докторите не напишале дека станува збор за итен случај?

Директорката на Фондот за здравство, веднаш по трагичниот епилог, изјави дека позитивната одлука за лекување на Тамара била донесена во декември и оти на почетокот на овој месец требал да се дефинира датумот за операција.

 

Андријана Атанасовска