Парламентот и даде доверба на грчката влада
Ципрас нагласи дека се додека народот е на нивна страна, нема да си дозволат да бидат уценувани и да се плашат од никого. Тој додаде дека Грција бара политичко решение во рамките на Унијата и повтори дека неговата влада нема да прифаќа нови заеми или мерки за штедење...

Грчкиот парламент и даде доверба на мнозинската радикално левичарска влада брзо по изборите и пред клучните преговори со еврозоната. Пратениците го поддржаа премиерот Ципрас да договори нови услови за отплата на долгот кон меѓународните кредитори.
Според Ципрас, грчката влада повеќе нема да дозволи странските кредитори да го надгледуваат спроведувањето на спасувачкиот план, Атина ќе може да укине поголем дел од мерките за штедење што ги воведе во замена за пакетот помош вреден 210 милијарди евра. Грција сака долгот да го отплаќа сразмерно со економскиот раст, а до постигнувањето на новиот договор бара заем што ќе и помогне да го премости тој период.
Ципрас нагласи дека се додека народот е на нивна страна, нема да си дозволат да бидат уценувани и да се плашат од никого. Тој додаде дека Грција бара политичко решение во рамките на Унијата и повтори дека неговата влада нема да прифаќа нови заеми или мерки за штедење.
„Мислам дека ова е многу важен ден за Грција. Докажавме дека отсега натаму сме нација којашто преговара. Грчкиот народ преку анкетите го илустрираше прифаќањето на владата“, изјави Панос Каменос, лидер на Независна Партија на грците.
Анкетите покажуваат дека околу 75 насто од граѓаните ги поддржуваат намерите на премиерот Ципрас, за разлика од европските партнери, особено Германија чиј министер за финансии, Волфганг Шојбле изјави дека Унијата нема да преговара за нова програма со Грција.
Меѓудругото, Германија ги отфрли како беспредметни најавите на грчката влада дека ќе бара репарации за Втората светска војна. Во меѓувреме, Грција и Организација за економска соработка и развој се договорија околу изработката на планот за реформи за обновување на растот во земјата.
Марина Автовска
