Поплавите во Пелагонија запреа- следува проценка на штетите
Македонија влегува во петте земји кои ќе ги чувствуваат климатските промени. Ќе го потикнуваме субвенционирањето на полисите за во иднина полесна да се справувааме со непогодите. За помагање на земјоделците овојпат ќе ги користиме сите мерки што ни се на располагање, порачаа од Министерството за земјоделство...

Поплавите престанаа. Околу две третини од обработливите површини во битолскиот дел на Пелагонија се под вода. Најголем процент отпага на ЗК Пелагонија. Тука поплавени се 8,5 илјади хектари, а штетите ќе бидат милионски.
„Само 50 милиони денари ќе ни направи штета неожнеаната пченка на 600-тините хектари. Ова е само уводот во финанскита слика од штетите. Единствено по повлекувањето на водата ќе знаеме за вкупната сума“, вели Томе Давков, директор на ЗК Пелагонија.
Веродостојниот финансиски извештај на име штети од поплави ќе се знае по целосното повлекување на водата. Од надлежното министерство велат дека се разработува стратегија со која ќе се помага на оштетените.
„И порано имало непогоди кои сме ги обештетувале, но оваа е од поголеми размери. Освен пари од буџетот ќе се обидеме да користиме и меѓународни фондови. Ги разработуваме сите варијанти за да помогнеме“, вели заменик министерот за земјоделство, Ванчо Костадиновски.
„По повлекувањето на водата со сет на мерки ќе излеземе и ние. Мора де се проверат некои производи, штали и индустриски капацитети за да на површина не испливаат некои други проблеми“, изјави Зоран Поповски, директор на Агенцијата на храна и ветеринарство.
Надлежните со апел, граѓаните да не го чекаат последниот ден за да ги пријават штетите.
„Претстои обемна работа затоа што поплавени се окулу 17.000 хектари, а штети има и во шталите и станбените објекти“, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу.
Состојбата во Пелагонија и денеска е стабилна. Нивото на водата во нивите полека се намалува, а водостојот на Црна Река е околу 360 сантиметри, или на најниско ниво по ескалацијата на поплавите.
Стевче Митревски
