Лажна тревога: Пластични бомби ги возменирија учениците во „Блаже Конески“

12.02.2015 14:58

Две откриени бомби во основното училиште „Блаже Конески“, предизвикаа евакуација на учениците. МВР утврди дека станува збор за стари училишни бомби...

Две заостанати бомби за демонстрација кои се корсистеле на часовите по општонародна одбрана ги вознемирија учениците од скопското основно училиште „Блаже Конески“. Ученици асистирале во расчистувањето на подрумот кога ги нашле бомбите кои им изгледале како вистински.

„Решивме да го расчистиме подрумот, нормално и неколку децата тука да ни помагаат. Расчистувајќи пронајдоа торбичка во која имаше две бомби. Нормално децата ги донесоа кај мене во канцеларија, а јас бидејќи не сум експерт за бомби повикав полиција“, изјави директорот на училиштето.

Часовите веднаш биле прекинати, а учениците евакуирани. Директорот ја повикал полицијата.

„На лице место од екипи на Министерството за внатрешни работи, утврдено е дека станува збор за две вежбовни школски бомби и школска муниција“, изјави Лиза Бендевска – портпарол на СВР Скопје.

Пронајдените бомби се пластични, безопасни, без експлозивно полнење, наменети за обука.

Увид во училишниот подрум направи полициската единица за антитероризам, но откако е утврдено дека не станува збор за вистински бомби, известен е директорот на училиштето, а учениците се вратени назад во клупите.

 

Анита Димитријевска