Милер: Македонија да не се откажува од членството во НАТО и ЕУ

12.02.2015 15:33

Македонија не треба да се откажува од членството во НАТО и во ЕУ и покрај постојаната блокада од страна на Грција. Како Американските конгресмени членови на Групата за пријателство со Македонија бараат со нова Резолуција Македонија да стане полноправна членка на НАТО на самитот во Полска идната година. Претседавачот на Групата на Конгресот за пријателство со Македонија, конгресменот Кендис Милер од Мичиген, во ексклузивно интервју за Македонската телевизија, вели дека американските конгресмени сугерираат безвизен режим и нови инвестиции во Македонија...

Република Македонија е партнер на САД, која со контунуирано учество во мировните мисии покажа дека го заслужува членството во НАТО, изјави конгресменот од Мичиген Кендис Милер којашто ја поддржува најновата Резолуција на Конгресот за прием на Македонија во Алијансата на самитот во Полска идната година.

„Она што се случи по изборите во Грција ни создаде одредена загриженост, но сметам дека преку Групата за пријателство во Конгресот треба да туркаме Македонија да стане полноправна членка на НАТО. Примерот со кој објаснувам на конгресмените зошто Македонија треба да е членка на НАТО е што македонските војници во Авганистан го чуваа штабот на НАТО, но не им беше дозволено да влезат во него. Тоа е не правилно и не е фер. Не се работи само за фер однос, туку од членството на Македонија ќе профитираат и САД и НАТО како организација“, изјави Кендис Милер, конгресмен од Мичиген.

Како Претседавач на Групата за пријателство со Македонија во Конгресот, Милер ни откри дека работи на барање за безвизен режим меѓу Македонија и САД.

„Македонија секако треба да биде членка на безвизната Вејвер програма, а во моментов не е. Кога ќе размислите што македонските војници прават во Авганистан или во борбата против тероризмот, Македонија е силен сојузник. Групата за пријателство го истакнува барањето до Департментот за Хоумленд секјурити и Стејт Департментот да имаат попривилигиран третман кон апликацијата на Македонија за безвизен режим“, изјави Милер.

Одличните односи на политички план меѓу Македонија и САД треба да се прошират и на економски план со нови инвестиции, оценува конгресменот Милер.

„Мислам дека со економијата во Мичиген и во САД постојат и други можности за соработка. На Групата со пријателство гледаме како на начин да се едуцираат луѓето од компаниите, корпорациите од цела Америка за поволностите за инвестиции и да ги разгледаат можностите што се нудат во Македонија. Имаме конкретен доказ, на Џонсонс Контрол им оди добро и се прошируваат таму, што зборува за добрата работна етика, квалитетот на контролата и работната сила којашто е целосно подготвена да се вклучи во слободната пазарна економија, што е и американска вредност“, нагласува Милер.

Како конгресмен од американската сојузна држава Мичиген во која живее најголемата заедница македонски иселеници, Милер смета дека е добро младите генерации Американци да учат за своето македонско потекло бидејќи доаѓаат од земја која дала многу на денешната цивилизација. Во Групата за пријателство со Македонија во Конгресот членуваат дваесетина конгресмени. 

Голем број конгресмени се заинтересирани да дадат поддршка на најновата Резолуција на Конгресот со која се бара Македонија да стане членка на НАТО на самитот во Полска во 2016-та година.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ