Сторија: Се решава судбината на хонорарците во државните институции
По речиси една деценија ќе има можност да ги оствари сите права кои ги носи редовниот работен однос...

Коле Богоевски е хонорарец во МРТ од 2006- та година. И тој е еден од 3-те илјади луѓе кои се ангажирани во државните институции, кои со новата мерка на Владата ќе добијат трајно вработување. Богоевски со радост ја примил веста. По речиси една деценија ќе има можност да ги оствари сите права кои ги носи редовниот работен однос.
„После девет години чекање, конечно ќе се реши нашата судбина, ќе имаме пензиско и здравствено осигурување. Се надевам дека позитивно ќе се реши во наша корист“, вели Коле Богоевски.
Вели дека работата во телевизија е дел од неговиот живот. За девет години сменил неколку работни позиции зад сцената.
„Сум работел на многу филмови, на многу серии, на Македонски народни приказни и се надевам дека токму тука во МРТ ќе ја дочекам и мојата пензија“, вели Богоевски.
Богоевски е среќен што конечно ќе може да си го планира животот.
„Прво решение, па после женидба“, вели Коле.
Со новиот закон на над 3 илјади луѓе во државните институции ќе им се реши егзистенцијалното прашање. Приоритет за вработување, по стапувањето на законот во сила ќе имаат оние кои се ангажирани најдолг временски период. Останатите ќе добијат решенија до септември идната година.
Сунчица Николоска
