Иванов - Грабар Китаровиќ: Продолжува соработкаta меѓу Македонија и Хрватска

15.02.2015 09:18

Македонскиот претседател изразил задоволството од досегашниот развој на односите и на соработката меѓу двете земји и подготвеност за нивно натамошно содржинско унапредување...

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска во Загреб имаше средба со новоизбраниот претседател на Република Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ.
 
На средбата, како што информира кабинетот на македонскиот претседател, била изразена обострана подготвеност за натамошно јакнење на традионално пријателските односи меѓу Македонија и Хрватска и за интензивирање на соработката на билатерален, регионален и на мултилатерален план.
 
Иванов на Грабар-Китаровиќ, ѝ го честитал стапувањето на функцијата и ѝ посакал успех. Македонскиот претседател изразил задоволството од досегашниот развој на односите и на соработката меѓу двете земји и подготвеност за нивно натамошно содржинско унапредување, додавајќи дека со заеднички ангажман ќе се придонесе и за регионалната стабилност и просперитет. Во тој контекст Иванов ја потенцирал важноста на „Брдо-Бриони Процесот", кој е конкретна потврда за посветеноста на Хрватска, кон јакнење на регионалната соработка и поддршката на евроатлантските интеграции за земјите од регионот.
 
Во однос на македонските евроатлантски интеграции, претседателот Иванов изразил уверување дека Хрватска, како докажан пријател на Македонија, ќе продолжи силно да ја поддржува во заложбите за интегрирање во ЕУ и во НАТО, и изразил благодарност за конструктивниот став дека билатералните спорови не треба да бидат пречка кон евроатлантскиот пат.