Еврогрупата ги одобри реформите на Грција
24.02.2015 17:43
ББЦ анализира дека Сириза капитулирала и го напуштила Маркс за трета насока - од листата планирани реформи исчезнале неприфаќањето на приватизацијата, враќањето на отпуштените работници од јавниот сектор и зголемување на минималната плата...

Грција го доби клучното „ало“ од Еврозоната. Министрите за финансии од Еврозоната на теле-конференција ја одобрија листата предлог-реформи. Грција нема да банкротира в недела, програмата за спас е продолжена за 4 месеци. Но, ова не е победа на Атина, коментираат експертите.
ББЦ анализира дека Сириза капитулирала и го напуштила Маркс за трета насока - од листата планирани реформи исчезнале неприфаќањето на приватизацијата, враќањето на отпуштените работници од јавниот сектор и зголемување на минималната плата.
„Велите дека сме ја принудиле Грција да се согласи, но не е така. Да речеше грчката влада дека веќе не ја сака програмата, ќе имаше и друг избор“, изјави Јероен Дијселблом, претседател на Еврогрупата.
Во замена, Атина ќе ја продолжи приватизацијата и нема да го троши буџетот за решавање на „хуманитарната криза“. Реформите кои треба да му го олеснат животот на обичниот Грк вклучуваат поправеден даночен систем, борба против неплаќачите и справување со шверцот на нафта и на цигари. Еврогрупата ја повика грчката влада да ги продлабочи и да ги прошири мерките врз основа на договореното. За конечна одлука се очекува гласањето на неколку национални влади, меѓу кои и германската.
„Имаше уцени од двете страни – од една страна да се прекине ликвидноста на грчките банки, а од друга да не се испочитуваат кредиторите. Еврозоната може да функционира само врз основа на доверба меѓу двете страни – Ципрас и Варуфакис и Шојбле“, рече Свен Гиеголд, европратеник.
Според шефот на германската дипломатија Штајнмаер, Европа добила само пауза да здивне, но не и решение за проблемите. Недоверба изрази и директорката на ММФ Кристин Лагард, која изрази сомневање во грчката влада за решавање на проблемите во најважните области.
Ивана Салтировска
