ФБИ со прва светска потерница за компјутерски криминал
Американското Федерално Биро за истраги нуди парична награда за информација за Евгениј Богачев, осомничен за изведување на компјутерски криминал во повеќе земји во светот. Десетина земји што соработуваат со ФБИ веќе учествуваат во истрагата...

Федералното Биро за истраги- ФБИ распиша потерница по рускиот државјанин Евгениј Михаилович Богачев, којшто од 2007-та година наваму преку интернет играта „Игра на Зевс“ има украдено милиони долари од банкарските сметки на Американци и на граѓани од други држави.
„ФБИ и Департментот за правда ја нудат оваа награда од 3 милиони долари за иформација што се надеваме ќе води кон апсење и осуда на Богачев. Тој преку интернет играта „Зевс“ навлегол во илјадници компјутери и направил штета од милиони долари“, изјави Џозеф Демарест, помошник директор на ФБИ за компјутерски криминал.
Ова е прва светска потерница за ваков вид на криминал. Американските власти нудат парична награда за информација за локацијата на Богачев, којшто се верува се уште е во Русија, но патува во Украина и други европски држави.
„Не смееме да дозволиме меѓународните граници да ги штитат криминалците од правото. Заканата од компјутерски криминал е голема и се повеќе држави се приклучуваат во борбата. Земјите каде овие криминалци можат да бегаат се намалува“, изјави Лесли Кадвел, помошник државен обвинител за криминалниот оддел.
„Подготвени сме да работи со сите влади во светот за да го затвориме овој случај“, рече Вилијам Браунфилд, помошник државен секретар за полициски работи во Стејт Департмент.
Во истрагата покрај ФБИ, се вклучени и Европскиот оддел за компјутерски криминал, полициските служби на Швајцарија, Франција, Германија, Холандија, Австралија, Нов Зеланд, Јапонија и Канада.
Во последниве 30 години, САД дале 88 милиони долари за информации за барани криминалци во светот.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
