Вашингтон со извештај за 2015-та: Македонија не е кризно жариште!

27.02.2015 16:30

Во документот, кој се фокусира на сајбер заканите, војните во Украина и низ Блискиот Исток, Балканот воопшто не е наведен како регион кој може да генерира кризи во текот на 2015 година...

Македонија повеќе не е меѓу земјите за кои може да се соочат со кризи. Американската администрација ја избриша Македонија во проценката за закани во светот во извештајот кој го подготвува Директоратот на национално разузнавање (ДНИ).

Во изминатите две години Македонија беше дел од овој извештај.

Во документот, кој се фокусира на сајбер заканите, војните во Украина и низ Блискиот Исток, Балканот воопшто не е наведен како регион кој може да генерира кризи во текот на 2015 година. Босна, Србија и Косово редовно беа вбројувани во овој извештај, како главни извори на нестабилност, а во последните неколку години беа наведувани и Албанија и Македонија, поради појавата на политички тензии.

Извештаите за 2013 и 2014 година предупредуваа на можноста на тензии меѓу Македонците и етничките Албанци во земјава, предизвикани од упорното грчко блокирање на македонските евро-атлански интеграции. Но, во годинашниот извештај, од балканскиот регион посочена е само Турција, и тоа како земја која е клучен партнер на САД во регионот, во борбата против Исламската држава на Ирак и Сирија и паралелните обиди на САД и Турција да се стави крај на дестабилизирањето на Ирак и Сирија.

Директорот за национално разузнавање, Џејмс Клапер, во своето обраќање до Комитетот за вооружените сили на Сенатот на САД, стави најголем акцент врз опасноста од информатички напади врз американската влада и компаниите.

Од воените и терористичките закани, Клапер рече дека само во првите девет месеци на 2014 година имало 13.000 напади во кои биле убиени 31.000 луѓе, далеку повеќе од билансот во целата 2013 година.

 

Катерина Топалова