Нова инвестиција: Американска компанија од автомобилскиот сектор ќе отвори 2.500 работни места

27.02.2015 16:41

Веста ја објави премиерот Груевски, кој најави дека фабриката ќе се гради во Северозападна Македонија. Се уште не се соопштува името на компанијата, се очекува својот влез во земјава официјално да го објави во наредните месец дена...

Нова американска компанија од автомобилската индустрија ќе инвестира во Македонија. Веста ја објави премиерот Груевски, кој најави дека фабриката ќе се гради во Северозападна Македонија. Американските инвеститори ќе обезбедат работа за 2.500 луѓе. Се уште не се соопштува името на компанијата, се очекува својот влез во земјава официјално да го објави во наредните месец дена.

„Тоа ме радува затоа што во тој дел има потреба од доста вработувања. Ќе имаат квалитетна работна сила, а многу луѓе од тој регион ќе си најдат работа, ќе ги згрижат своите семејства со заработувачка која што ќе ја остваруваат во таа фабрика“, изјави премиерот Груевски.

Македонија станува интересна за американските компании за автомобилски делови. Ова е втора инвестиција за два месеца. Пред три дена компанијата Гентерм го стави потписот на договорот за инвестицијата вредна 20 милиони евра. Од идната недела почнува со изградба на погонот во Прилеп, а фабриката треба да стане оперативна во октомври. Се регрутираат првите вработени. Работа ќе има за 2 илјади луѓе. Според Премиерот Груевски компанијата влијае на зајакнување на  локалната економија и намалување на невработеноста.

„Ќе биде одлично за граѓаните на Прилеп и на целиот прилепски регион затоа што сите што живеат во тој регион ќе имаат можност да конкурираат и да се вработат и да бидат дел од овие 2.000 луѓе. Ќе има доста работа и за локалните фирми коишто можат да бидат добавувачи на Гентерм“, нагласи Груевски.

Гентерм произведува грејачи за автомобили, а на глобално ниво вработува 9.000 луѓе. Клиенти и се најголемите играчи од автомобилскиот бизнис. Во преговорите со оваа американската компанија учествувале и економските промотори, а Македонија била избрана како локација за инвестирање во конкуренција на пет држави.

 

Сунчица Николоска