Заев објави нови аудио разговори

27.02.2015 17:19

Лидерот на СДСМ објави нови аудио-материјали од прислушуваните разговори што ги поседува. За случајот „Космос“, Заев презентираше комуникација меѓу владини претставници, но, не и со инвеститорот и надлежната судијка...

Лидерот на опозицискиот СДСМ Зоран Заев продолжи да објавува аудио снимки кои како што самиот првично призна ги добил од странски служби во соработка со поранешниот прв разузнавач Верушевски. На прес- конференцијата беа презентирани разговори на како што рече Заев, премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, што се оденсуваат на случајот Космос.

„Груевски лично за таа цел нарачува менување урбанистички планови, сугерира користење на нивните инсталации во судството, договара медиумски сензации и манипулации, за да се оправда пред меѓународната заедница“, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Спротивно на ваквите тврдења, снимките покажуваат дека премиерот се интересира за случајот, бара од министерот Јанакиески да обезбеди почитување на законот во сите општини без разлика на политичка или етничка припадност, изразува сомнеж дека во случајот има потплатена судијка.

Во еден од материјалите во кои како што тврди Заев, разговараат Груевски и Јанакиески премиерот потсетува дека инвестиротот Цаноски јавно сам кажал оти го прекршил законот за градба.

За потсетување станува збор за случајот Космос од 2011 година, за кој надлежните институции утврдија дека инвеститорот ги прекршил прописите и надлежните реагирале согласно законот.

Остана дилема зошто се селектирани токму овие разговори, а ги нема Телефонските разговори на надлежната судијка и инвестирот. Освен тоа Заев досега тврдеше дека Груевски го нема на снимките, но според денеска објавеното излегува дека премиерот бил најприслушуван.

Со ова Заев си ја турка во вода тезата дека Груевски нарачал прислучкување бидејќи е нелогично премиерот самиот да се прислушува.

Претседателот на СДСМ рече дека и во наредниот период, според него дозирано, ќе бидат објавувани аудио разговори на функционери од власта и опозицијата, амбасадори и јавни личности.

Целта е, вели Заев, пред јавноста да се презентира дека во државата тајно се прислушува, но тоа голем дел од јавноста го толкува како закана на лидерот на опозицијата освен кон новинарите и кон амбасадорите, судиите и обвинителите.

 

Милчо Велески