Случај „Пуч“: Преку факти до правна вистина

27.02.2015 17:31

Првиот човек на најголемата научна институција и професор по кривично право, Владо Камбовски, денеска повика да се постапи согласно процедурите во правната држава. Вистината за фактите мора да се појави само во судска постапка...

Првата пресуда за еден од инволвираните во случајот „Пуч“ ги открива деталите за шоинажата што ја вршела групата на Зоран Верушевски и нивната соработка со странските служби.

Во образложението на судската пресуда стои дека „Осудениот Звонко Костовски со умисла го злоупотребил системот на МВР и во соработка со Зоран Верушевски подолго време неовлестено ГО прислушувале ЦЕЛИОТ ДРЖАВЕН ВРВ и јавни личности од земјава, а информациите ги предавале на странска служба“.

За тоа, откако го признал делото во целост, изречена му е тригодишна затворска казна за неовластено прослушување и за шпионажа.

Казната е изречена спогодбено, откако обвинетиот ја признал вината и начинот на кој се одвивала операцијата. За сето тоа добивал големи суми пари.

Во писмената верзија на пресудата е наведено и дека предложената спогодба е доброволна, но, и дека обвинетиот е свесен за правните последици од прифаќањето.

Првиот човек на најголемата научна институција и професор по кривично право, Владо Камбовски, денеска повика да се постапи согласно процедурите во правната држава. Вистината за фактите мора да се појави само во судска постапка која обезбедува преку анализа на фактите да се стигне до правната вистина. Побара надлежните институции, пред се Јавното обвинителството во чии раце е истрагата да ги обезбеди сите факти и да го расветли случајот.

„Во една правна држава, а таква треба да биде нашата држава, вистината за фактите мора да се појави само во судска постапка. Секоја друга вистина е релативна. Вистината во медиумите, вистината во поединечните кажувања мора да ја прифатиме со резерва. Значи, судската постапка е таа која обезбедува, низ една контрадикторност, насочување на сите факти да се стигне до правната вистина“, вели претседателот на МАНУ, Владо Камбовски.

Со првата пресуда е спречен обидот за дестабилизација на државата, сценарио на сртанските служби кое како што предупреди премиерот Никола Груевски во Македонија го спроведувале Заев и Верушевски со својата група. Груевски рече дека нема да дозволи заев да ги заплаши граѓаните и да креира нестабилност.

„Многумина се прашуваат дали очекуваме дестабилизација? Споменав на самиот почеток, но ќе повторам и сега- институциите на системот ја вршат својата работа одговорно и посветено, и секако будно. Дестабилизацијата би била од најголема корист на оние кои го наметнуваат и спроведуваат ова сценарио. Но, мнозинството граѓани имаат мудрост и нема да дозволат да бидат дел од едно такво сценарио“, нагласи премиерот Груевски.

Полицијата покани врвни експерти за оваа проблематика од позната странска компанија, која со своја опрема изврши проверка и утврди дека повремено на различни локации главно во центарот на Скопје, непознат сторител врши нелегално прислушкување и снимање на телефонски разговори, користејки мобилна опрема, чија локација постојано се менува, а која функционира по принцип на клонирање на т.н. базни станици.

 

Анита Димитријевска