Москва: Поворка за Немцов наместо марш на опозицијата
Учесниците носат цвеќиња, знамиња на опозициското движење Солидарност и слики од Немцов, а на транспарентите може да се видат натписи како „Хероите не умираат“ и „Се плашеа од тебе, Борис“. Колоната од 50 илјади луѓе според организаторите или 16 илјади според проценките на полицијата ја предводат лидерите на либералната опозиција...

Илјадници луѓе во центарот на Москва маршираат во чест на опозиционер Борис Немцов, кој не доживеа да го предводи за денеска закажаниот марш на опозицијата. Поворката која треба да помине по мостот Москворецки близу до Кремљ каде што беше застрелан со три куршуми во петокот вечерта се движи во тишина, под големо обезбедување и надзор на хеликоптер и дрон, но без опрема за разбивање протести.
Учесниците носат цвеќиња, знамиња на опозициското движење Солидарност и слики од Немцов, а на транспарентите може да се видат натписи како „Хероите не умираат“ и „Се плашеа од тебе, Борис“. Колоната од 50 илјади луѓе според организаторите или 16 илјади според проценките на полицијата ја предводат лидерите на либералната опозиција.
„Планиравме позитивен марш во Марино, со знамиња и со балони. Тоа не одговара со овој трагичен момент и големината на ликот на Немцов, како и големината на црвената линија што ја поминавме и не ја препознавме“, изјави Леонид Волков, руски опозициски активист.
Руските власти денеска ја објавија снимката од надзорна камера од убиството. Иако е матна и снимена од далеку, се распознава Немцов кој шета со девојката, украинскиот модел Ана Дурицкаја. Ги пресретнува возило за чистење на снег и ги крие од камерата, а во следниот момент, од него истрчува човек, брзо влегува во автомобил „лада приора и заминува“. Според истрагата, веројатно го чекал политичарот на скалите што водат на мостот. Истражниот комитет на Русија трага по средно граден човек висок од 170 до 175 сантиметри, со куса темна коса, облечен во сини фармерки и кафеав џемпер. Денеска е распишана награда од 3 милиони рубљи или 43 ипол илјади евра за корисна информација, со загарантирана анонимност.
Причината за убиството останува тема за шпекулации – од политички до криминален мотив, за да се дестабилизира Русија и да и се нанесе штета во однос на ситуацијата во Украина, до замолкнување на големиот противник на војната меѓу двете земји. Ситуацијата со големо внимание ја следат западните медиуми, кои сметаат дека е се уште прерано за заклучоци.
Ивана Салтировска
