Автономните возила- иднина на сообраќајот

09.03.2015 12:37

Замислете транспорт во автомобил што не морате да го управувате. Вака ќе изгледа иднината во сообраќајот во САД за неколку години. Американски компании веќе ја развиваат технологијата на автономните возила...

Автономни возила без возачи се технологијата што неколку години ја развиваат автомобилските и комјутерските компании во Соединетите Американски Држави. Протиповите на ваквите автономни возила што користат ЏИ-ПИ-ЕС за автоматско управување веќе се покажаа како одлична замена за денешните автомобили и возила.

„Гледаме на автоматизацијата како на состав од различни системи во автомобилот што ќе го изземе возачот на одредено време или целосно. Со денешната технологија возачот се уште е потребен да биде во возилото иако тоа ќе ја врши функцијата на возач. Изземувањето на возачот од возилото ќе придонесе за поголема безбедност во сообраќајот, бидејќи 95 проценти од сообраќајните несреќи се случуваат по вина на возачите“, изјави Кевин Винсент, администратор за националната безбедност во сообраќајот на автопатите.

Во иднина кога сите возила ќе бидат автономни, ќе се развие комјутерска комуникација меѓу возилата за да се спречат судири.

„Некои од клучните работи што ќе ги видиме во наредните години се комуникацијата на возило со возило на која работиме заедно со Департментот за транспорт. Ова е надежна технологија која ќе спаси многу животи бидејќи ќе го предупредува возачот за евентуален судир“, смета Мајкл Вестраексперт за технологија во Форд Моторс.

Комуникацијата меѓу автономните возила треба да биде заштитена за да не се наруши приватноста на возачите.

„Автомобилите што ги превезуваат бизнисмените ќе бидат цел на разузнавачките агенции во соработка со автомобилските компании. Ќе се соочиме со истото прашање за безбедноста на софтерот и приватноста. За неколку години возилата нема да изгледаат како денешните“, нагласува Најтеш Џајнани, директор на „Ернст и Јанг“.

Автоматизацијата на камионите се уште е во почетна фаза. Американските федерални агенции за безбедност изразуваат загриженост дека автономните возила во иднина ќе можат да се користат за терористички напади. Сепак, Гугл, Ауди, Џенерал Моторс и други компании веќе размислуваат за сериско производство на автономните возила.

Првите автономни возила ќе се појават во САД до 2040-та година.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ