Амбасадорот на САД во работна посета на „Алкалоид“

16.03.2015 15:45

Амбасадорот Бејли го истакна своето задоволство од успешното работење на „Алкалоид“ во Македонија, САД и на останатите извозни пазари. Особено радува податокот што според неговите сознанија, „Алкалоид“ е единствениот македонски инвеститор во САД...

Делегација од Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Република Македонија предводена од амбасадорот Џес Бејли, денес оствари официјална работна посета на „Алкалоид“ АД Скопје.

Целта на посетата на високите дипломатски претставници беше запознавање со резултатите од работењето на компанијата, нејзините пласмани и производното портфолио. Беа презентирани и бројните инвестиции кои „Алкалоид“ континуирано ги реализира низ годинините, како и извозните активности кои се еден од клучните сегменти од корпоративната политика на компанијата, соопштуваат од компанијата.

Акцентот на посетата беше ставен на долгогодишната успешна соработка на компанијата со Соединетите Американски Држави каде ,,Алкалоид АД“ Скопје во почетокот на 2006 година основаше своја подружница „Алкалоид УСА“ со седиште во Њу Олбани, Охајо. На ваквиот деловен потег му претходеше успешната деловно-техничка соработка со реномирани компании од САД, како Фајзер од Њујорк и Мерк Шарп и Дом (MSD), трасирани во далечната 1956 година.

Амбасадорот Бејли го истакна своето задоволство од успешното работење на „Алкалоид“ во Македонија, САД и на останатите извозни пазари. Особено радува податокот што според неговите сознанија, „Алкалоид“ е единствениот македонски инвеститор во САД.

По обиколката на производните капацитети на компанијата и сегментите за истражување и контрола на квалитет на производите, амбасадорот беше импресиониран од операциите и потенцираше дека сега му е јасно зошто производството на квалитетни лекови е толку скап и макотрпен процес.

„Алкалоид“ е член на Американската Стопанска Комора во Македонија од 2000-та година.