Објавен тендер за набавка над 600 болнички лекови

17.03.2015 16:20

Тендер за набавка на над 600 болнички лекови распиша Министерството за здравство. Најниската цена е главен критериум. Се очекува најдоцна за четири месеци болниците да ги добијат лековите. Проценката е дека Министерството ќе заштеди најмалку 3 милиони евра...

Со нов тендер ќе се изедначува набавната цена на болничките лекови. Ова треба да ја искорени практиката - секоја клиника, амбуланта или болница да купува лек по различна цена. Министерството за здравство распиша тендер за набавка на 606 медикаменти од болничката листа.

„Еден антибиотик се набавувал за 100 денари во една здравствена устанува, во друга за 120, во трета за 140, во зависност од количината што е набавена. Сега тргнуваме од најевтината цена, од 100 денари, и сите здравствени установи ќе го земат тој антибиотик за најмногу 100 денари. Под услов и воопшто да не се намали цената, заштедите ќе се направат- тоа е идејата на целиот овој концепт“, објасни министерот за здравство, Никола Тодоров.

Најниската цена е главен критериум. Ќе се набавуваат исклучиво лекови кои и до сега се користени во домашната болничка пракса, па поради тоа не постои опасност, вели Тодоров, болниците да добијат медикаменти кои се со послаб квалитет. Се очекува заштеда од најмалку 3 милиони евра.

Со претходната ваква централна набавка Министерството заштеди околу 6 милиони евра, пари кои се искористија за зголемување на платите на лекарите.

 

Анита Димитријевска