Аграмунт: Бојкотирањето на Парламентот е бојкот на демократијата
Во демократијата е најлошо опозицијата да не учествува во работата на Парламентот. Шпанскиот пратеник Педро Аграмунд изразува загриженост за состојбата во Македонија и повика да прекине бојкотот. Земјава се најде на дневен ред на Комисија на Советот на Европа...

Парламентарното Собрание на Советот на Европа, поточно Комисијата за следење на обрските на земјите членки на Советот на Европа, денес ја разгледа информацијата и расправаше за ситуацијата во Македонија. Веднаш по состанокот потпрестедателот на Комисијата, инаку и шеф на Македонската делегација при ПССЕ, Александар Николоски, како и шпанскиот парламентарец Педро Аграмунт за Македонската радио телевизија ја дадоа следната изјава.
„Ние сме многу загрижени поради ситуацијата во која опозицијата не сака да заседава во Парламентот. Тоа е нешто кое никогаш не треба да се прави. Во демократијата тоа е најлошото нешто, бидејќи ние сме избрани да работиме како парламентарци. Сите акции треба да се водат во Парламентот, опозицијата има право да каже сé, но во Собранието. Бојкотирањето на парламентот е бојкот на демократијата“, изјави Педро Аграмунт – европратеник на Шпанија.
„Се осудува и политиката на јавно објавување на снимање на телефонски разговори, што е во спротивно со демократските вредности и спротивно на почитувањето на човековите права. Таа политика е осудена од многу членови тука и од заедничката декларација која ќе ја усвои Мониторинг Комитетот“, вели Алекснадар Николоски, потпрестедател на Комисијата и шеф на Македонската делегација при ПССЕ.
Работата на оваа по значење најважна комисија на ПССЕ, се одвива зад затворени врати, па така информациите моравме да ги бараме од самите пратеници, бидејќи документите и дебатите се тајни и класифицирани.
На паузата некои од парламентраците, не само од регионот, туку и од други земји во Европа, не го криеа изненадувањето дека јавно се објавуваат недозволени снимки од телефонски разговори, додавајќи дека во многу европски земји, па и во нивните имало случаи на прислушувања, но ретко кога тие снимки биле јавно изнесувани во толку голем обем.
Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ
