ОБСЕ: Заедничка борба против радикалниот исламизам

19.03.2015 10:56

Радикализацијата на младите е глобален проблем што ги погодува земјите членки на ОБСЕ. Првите луѓе за борба против тероризам на САД, ЕУ и Русија на самитот во Вашингтон истакнаа кои се заканите и мерките што се преземаат за борба против заканата од Исламската држава на Блискиот Исток...

Странските борци стануваат предмет на американската национална безбедност. Додека се одржуваше самитот на ОБСЕ, авион на авиокомпанијата Јунајтед мораше да се врати на аеродромот во Вашингтон бидејќи еден патник извикувајќи „јас сум џихадист“ се обидел да влезе во пилотската кабина.

„Се фокусираме на феноменот на странските борци над повеќе од една и пол година. Јавно изјавивме дека има 150 Американци коишто се обиделе или биле успешни да стигнат до Сирија, за да се борат за сите терористички групи, а не само на страната на ИДИЛ“, изјави Френцис Тејлор, потсекретар за разузнавање и анализи во Хоумленд Секјурити.

Бројката на странски борци од Европа коишто се приклучуваат на Исламската држава е околу 5.000, соопшти координаторот за контра- тероризам на Европската унија. ЕУРОПОЛ ќе формира криминален оддел за спречување на пропагандата за регрутирање на ИДИЛ преку интернет.

„Почнавме со програми за рехабилитација. Многу е важно и ова постојано го повторувам во Европа, ќе биде голема грешка ако се затворат сите оние коишто се бореле на страната на ИДИЛ. Треба да извршиме проценка за секој одделно колку е опасен, на некои да им дадеме психолошка или социјална помош, а оние коишто имаат крв на рацете да ги испратиме во затвор“, вели Жил Де Керхов, координатор за контра-тероризам на ЕУ.

Радикализацијата доаѓа поради нерешените отворени прашања на Блискиот Исток. Иако американски и руски агенции лани подготвија список на земји што ги финансираат терористичките групи, ниту една мерка против овие држави не е преземена, обвини Директорот на Департментот за нови предизвици и закани на руското министерство за надворешни работи.

„Најголемата закана би била радикализација на муслиманскиот договор. Ова го посочив уште во февруари 2011-та и точно ова се случи“, изјави Илија Рогачев, директор на Департмент за нови предизвици и закани на руското МНР.

Според американски разузнавачки информации, досега во бомбардирањата загинале околу 8.000 борци на Исламската држава, но секој месец им се приклучуваат по 1.000 нови регрути. ИДИЛ контролира над 48 илјади интернет сајтови за регрутација, па решението мора да биде работа со младите пред тие да станат радикални, заклучија првите луѓе за борба против тероризмот.

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ