Престрелка во Гетеборг- две лица загинаа, десетмина повредени
Нова вооружена драма го потресе светот. Додека се пребројуваат жртвите од синоќешниот терористички напад во Тунис, денеска во Гетеборг, Шведска- престрелка во ресторан. Две лица загинаа, а десетмина се повредени...

Пукотници и пискотници синоќа го вознемирија шведскиот град Гетеборг. Двајца вооружени мажи влегле во ресторан и почнале да пукаат. Две лица се убиени, а десетмина се повредени. Не се отфрла можноста дека станува збор за членови на криминални групи, бидејќи и претходно имало слични проблеми во истата област. Жителите вознемирени и исплашени за својата безбедност побараа од властите да преземат поригорозни мерки за да им го вратат мирот.
„Ова не е првпат вакво нешто да се случи, но во вакви размери- не! Работам тука 35 години и ова го гледам првпат. Насилството ескалира од ден на ден. Нешто мора да се направи за безбедноста. Умираат невини луѓе...“, вели жителка на Гетеборг.
Според очевидците нападот бил извршен многу брзо. Се стрелало од автоматско оружје. Полицијата не објавува дали има осомничени, иако неколкумина се приведени поради испитување.
Во истата област и пред истиот ресторан, пред неполни два месеца беше ранет еден маж. Сепак, до расветлувањето на случајот и мотивите за синоќешниот напад, останува непознато дали можеби двата инциденти се поврзани.
Бојана Крстевски
