Тероризмот зема сѐ поголем замав

20.03.2015 12:34

Рапидно расте бројот на терористичките напади во светот. Во периодот по Студената војна, исчезнуваат традиционалните фронтовски линии на завојуваните страни. И Европа е на удар на новиот начин на создавање нестабилност!

Светот влегува во терористичката спирала на злото. Се губат линиите на поранешната фронтовска војна, тероризмот станува израз на извршување на одредени политики. Веќе не постојат терористички групации, напаѓачите се дел од стратегијата еден човек една ќелија една цел.

Тунис, почетокот на Арапската пролет не е веќе безбеден, особено за странските туристи,  се редат загинатите, 23 –ца  и огромен број повредени.

„Навистина сум среќен што останав жив. Во моментот на нападот ние заминувавме, одеднаш почнаа да пукаат, се скривме во една соба, и чекавме се да се заврши, бевме многу исплашени“, изјави Хуан Карлос - преживеан од нападот во Бардо музејот.

Факт е дека се напаѓаат местата каде има поголема концентрација на луѓе на удар се музеите или културните институции. Ваков беше случајот и со нападот во Брисел. Џихадистите кои војната ја насочуваат против политиката на израел, но и верските  неистомисленици ја чувствуваат европа како посебна цел.

Статистиката покажува дека меѓу бегалците од кризните жаришта на Блискиот Исток и Северна Африка се инфилтрираат и потенцијални терористи за напад во европските градови.

Извозот на таканаречениот „бел џихадизам“ исто така зема замав. Младите кои се најподложни на прифаќањето на екстремните религиозни ставови заминуваат во Сирија и во Ирак, за да потоа по враќањето во европските држави стануваат можни терористички човек-ќелии. Се смета дека од стариот континент има меѓу 3 до 5 илјади европјани.

Марија Петковска