Заложничка драма во Истанбул- се преговара со грабнувачите
Во тек се преговори преку посредник избран од грабнувачите. Двајцата припадници на забранета марксистичка група Револуционерен Народен Ослободителен Фронт објавија слики како го држат на нишан обвинителот Мехмет Селим Кираз. Ги бараат имињата на полицајците што ги истражува и нивно признание...

По истекот на дадениот рок, продолжува заложничката драма во судот во Истанбул. Во тек се преговори преку посредник избран од грабнувачите. Двајцата припадници на забранета марксистичка група Револуционерен Народен Ослободителен Фронт објавија слики како го држат на нишан обвинителот Мехмет Селим Кираз. Ги бараат имињата на полицајците што ги истражува и нивно признание во живо во врска со смртта на 15-годишно момче за време на протестите на плоштадот Таксим.
„Ќе ја донесеме правдата со оружје и нашата борба ќе продолжи. Ги поздравуваме семејствата што изгубиле некој близок и подготвени сме за борба, дури и за смрт“, стои во пораката од Револуционерниот Народен ослободителен Фронт.
15-годишниот Беркин Елван почина во март лани, по 269 денови поминати во кома поради повреда од канистер со солзавец здобиена во судир со полицијата во масовните протести на почетокот на летото 2013 година. Преку Твитер се огласи таткото, кој побара прекин на насилствата.
„Не сакам на никого ниту да му потече крв од носот. Бараме само правда, само фер судење“, вели Сами Елван, татко на Беркин Елван.
За време на упадот одекнале повеќе истрели во зградата на судот, по што била евакуирана и опколена од полицијата. Шестиот кат каде што се наоѓа канцеларијата на обвинителот Кираз е отсечен, а на местото се испратени специјалци. Телевизиите ја прекинаа живата програма од пред судот, како што наведуваат, поради забрана за емитување на настанот.
Ивана Салтировска
