По поплавите и обилните врнежи, се санираат одроните и свлечиштата
Врнежливото време кое трае подолг период освен што донесе излевање на реки и поплави во делови од Македонија, предизвикува проблеми во сообраќајот. На југоистокот се вози по една лента поради одрони, а на локален пат му се заканува свлечиште...

Поплавите и обилните врнежи од дожд кои го зафатија Југоистокот од Македонија неколку дена го отежнаа одвивањето на сообраќајот. Кај патниот правец Валандово- Удово, кај селото Јосифово до попладнево сообраќајот се одвиваше по една коловозна лента поради наноси од кал, камења и смет. На патниот правец Удово- Гевгелија, кај клучката Марвинци, сообраќајот се одвива по една коловозна лента, исто како на патот кон Смрдлива вода поради појава на свлечиште. Освен ова, водата направи и оштетувања на самите ленти.
Екипите на Македонија пат веќе неколку дена работат на крпење на дупките. Работниците велат дека го опслужуваат целиот терен и ги подготвуваат патиштата за асфалтирање.
„Работиме неколку дена. Бевме на патот Богданци, кај клучката Дојран- Николиќ. Сега тука, не смее да има скинат пат“, вели работник во Македонија пат.
Поплавите од 24 и 30 јануари направија штети и врз инфраструктурните објекти во општините. Општина Струмица пресмета дека штетата врз мостовите, улиците и каналите изнесува близу половина милион евра. Во општина Василево, штетите врз инфраструктурата изнесува 150 илјади евра.
Катерина Давчева
