40% од училиштата имаат стручен тим за работа со деца со аутизам

02.04.2015 15:49

Во 10 проценти од училиштата родителите на свој трошок си ангажираат дефектолог, останатите немаат таков кадар - покажуваат податоците на Народниот правобранител. Многу често до нив стигаат и претставки во кои родителите бараат дете со посебни потреби да се отпише од училиштето каде учат нивните деца и да се запише во друго...

Одделенски наставник, психолог, педагог и дефектолог - само 40 проценти од 109 училишта го имаат овој стручен тим кој работи со децата со аутизам. Во 10 проценти од училиштата родителите на свој трошок си ангажираат дефектолог, останатите немаат таков кадар - покажуваат податоците на Народниот правобранител. Многу често до нив стигаат и претставки во кои родителите бараат дете со посебни потреби да се отпише од училиштето каде учат нивните деца и да се запише во друго.

„Само со инклузија, а не со изолирање на децата со аутизам можеме да придонесеме како во подобрување на условите така и во подобрување на состојбата на овие деца за да им дадеме можност и тие како и сите други деца меѓу нив да ги почувствуваат  сите оние придобивки што му ги нуди детството и сите права што ги гарантира конвенцијата  за правата на детето и меѓународната правна регулатива“, вели Васка Бајрамова -Мустафа - заменик Народен правобранител.

Според  дефектолозите, за овие деца потребна е индивидуална настава, рана дијагностика и третман, со цел кога ќе дојдат во училиште да бидат подготвени  и да имаат стекнато способност да се грижат сами за себе. 

„Во училиштата не постојат негователки како кадар кој што е вработен многу често родителите се тие кои што седат во училиштата ги хранат децата ги носат во тоалет. Неопходно е обезбедување на специфични методи на работа и специфични услови за работа со овие деца, а за сето тоа неопходна е и професионална надградба на кадарот кој што работи“, изјави Јасмина Трошанска - дефектолог од Македонското научно здружение за аутизам.

Во земјава не постои официјален регистар на лица со аутизам. Проценките се дека ги има околу 4.000.

 

Андријана Атанасовска