Србија под вода, подигната готовноста на службите
Началникот за Секторот за вонредни состојби Предраг Мариќ изјавил дека ноќта поминала мирно, но дека цела Србија е преполна со вода поради претходните врнежи што траат со месеци...

Србија е под вода поради долготрајните врнежи и земјата веќе не впива. Западна Морава се излеала и затворен е патот меѓу Грдица и Опланиќи. Исто така патот на Ибараската магистрала е делумно урнат кон кањонот и пругата, а сообраќајот се одвива по една коловозна лента. Поставени се знаци за предупредување, јавуваат српските медиуми.
Началникот за Секторот за вонредни состојби Предраг Мариќ изјавил дека ноќта поминала мирно, но дека цела Србија е преполна со вода поради претходните врнежи што траат со месеци. Заради најавите за дождлив април Секторот е на ниво на готовност.
Нема опасност од големи поплави иако нивите се под вода, а поплавени се и неколку куќи во Мосиње кај Сталаќ. Институциите се подготвени за евентуална евакуација на луѓето поради создадените свлечишта или полавени места каде што се излеваат реки, потоци или се зголемени водотеци од растопен снег.
