Светски ден на здравјето: Голем напредок за македонското здравство

07.04.2015 16:46

Капитални инфраструктурни проекти, зголемена плата на специјалистите, обука на лекарите во странство, успешна детска кардиохирургија. Ова се само дел од придобивките со кои се пофалија здравствените власти, на Меѓународниот ден на здравјето. Индикатор дека овој сектор е на прав пат, рангирањето на Македонија на Европскиот здравствен потрошувачки индекс, оценува ресорниот министер...

На Светскиот ден на здравјето министерот Тодоров задоволен од досега постигнатото. Според него најголем успех е рангирањето на Европскиот здравствен потрошувачки систем каде земјава се најде на 16-то место и направи скок од 11 места.

Во насока на подобрување на здравствениот систем изминативе неколку години се фокусирани и на изградбата на капитални објеки и на реконструкција на она што со години било запоставено. За 3 години во здравството се реализирани и околу 2 илјади нови вработувања.

„Најдобра оценка оваа година за здравството даде ЕУ и рангирањето што го објави, во кое обзнани дека Република Македонија постигна највисок скок досега од која било земја во историјата на рангирањето“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.

За Македонското лекарско друштво, кое годинава одблележува 70 години од постоњето, предизвик е подобрувањето на регистерот за увид во болестите и бројот на заболените.

„Предизвик за докторите е да се подобри регистарот за малигни заболувања, за хронични заболувања, за ретки болести итн. бидејќи со тоа ние имаме прав увид во болестите“, изјави Горан Димитров, претседател на Македонско лекарско друштво.

Годинава Светскиот ден на здравјето се одбележува под мотото „За безбедна храна- од нива до трпеза”. СЗО со препораки - да се преземаат навремени акции за превенција на околу 200 заболувања што се јавуваат како резултат на загадена и небезбедна храна.

 

Сунчица Николоска