Одрон го затвори автопатот Скопје- Велес

07.04.2015 17:05

Збунети патници и блокирани автомобили, ваква беше денеска сликата на автопатот Скопје – Велес. Голем одрон целосно ја блокираше делницата. На терен се работи интензивно, механизацијата го расчистува коловозот, а дотогаш сообраќајот е пренасочен...

Околу 4 илјади кубни метри карпеста земја се струполи на автопатот Скопје- Велес  неколку километри по Катлановскиот тунел.  Засега само очевидците се осмелуваат да кажат дека најверојатно нема затрупани возила.

„Имаа едни што се враќаа назад, исплашени, тие не кажаа дека има внатре некој, први тие го видоа одронот“, вели очевидец на настанот за МТВ.

Веднаш по дојавата околу 13 часот, екипи на „Македонија пат“ почнале со расчистувањето за да оспособат барем една од коловозните ленти. Сообраќајот на овој патен правец беше затворен од наплатната рампа. Полицијата ги пренасочуваше возилата кон Куманово- Свети Николе за Велес.

Јавниот сервис сепак стигна до самото место. Два утоварувачи непрестано расчитуваа.

„Има опасност од други одрони, има надвиснати карпи кои во секој момент можат да паднат“, вели раководител во „Македонија пат“.

Благодарение на нивната експедитивност една од лентите беше пуштена за сообраќај, па се пропуштија возилата што останаа заробени меѓу Катланово и одронот.

На опасност најизложени се ракувачите со утоварувачи, ама тие нам ни ја кажаа тајната за нивната ефикасност.

„Страв не постои, ако имаш страв не можеш да работиш“, вели еден ракувач на утоварувач.

Екипите на „Македонија пат“ ќе останат до доцна во ноќта за да ја оспособат и другата коловозна лента, до тогаш овој патен правец ќе биде затворен.

 

Фиљана Кока