Иванов на 18-тиот Евроазиски економски самит во Турција
08.04.2015 09:00
Иванов ќе се обрати на свеченото отворање на самитот, а ќе има обраќање и на сесијата на претседатели на тема „Патот до мирот: Каде оди хуманоста?“...

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, придружуван од неговата сопруга Маја Иванова, од денеска до сабота ќе престојува во посета на Турција каде ќе учествува на 18-тиот Евроазиски економски самит на Фондацијата Мармара што ќе се одржи во Истанбул.
Иванов ќе се обрати на свеченото отворање на самитот, а ќе има обраќање и на сесијата на претседатели на тема „Патот до мирот: Каде оди хуманоста?“
На форумот најавено е учество на актуелни и поранешни претседатели, премиери, министри, истакнати личности од општествениот и политичкиот живот, невладиниот сектор и бизнис заедниците од 40-тина држави.
Во состав на македонската делегацијата се и министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции Џери Наумоф и министерот без ресор Фуркан Чако, кои ќе ги презентираат поволностите за инвестирање во Македонија пред бизнисмените кои ќе учествуваат на Евроазискиот економски форум. На форумот ќе учествуваат и македонски компании.
Ова е петто учество на претседателот Иванов на Евроазискиот економски форум на Мармара фондацијата, што се организира секоја година, почнувајќи од 1998 година.
Мармара фондацијата е формирана 1985 година и е призната од страна на ОБСЕ. Преку своите советодавни капацитети ја претставува Турција во Економско-социјалниот совет на ОН. Фондацијата активно е вклучена во подобрување на регионалната соработка со цел да помогне во максимизирање на можностите што ги создава процесот на глобализација и минимизирање на неговите негативни ефекти.
