АМСМ: Укинати забраните за камиони на Стража и Маврово-Дебар
08.04.2015 09:07
Од вчеравечер во 21:45 часот е нормализиран сообраќајот на патниот правец Катланово – Велес, кој беше блокиран од вчера напладне од поголем одрон...

Од осум часот изутринава е нормализиран сообраќајот за камиони на планинскиот премин Стража. Претходно во 6:45 часот е укината забраната за камиони на патот крак Маврово - Дебар.
Според Автомотосојузот на Македонија, од вчеравечер во 21:45 часот е нормализиран сообраќајот на патниот правец Катланово – Велес, кој беше блокиран од вчера напладне од поголем одрон. Поради внимателност, во должина од 500 метри сообраќајот се одвива по една коловозна лента за што е поставена дополнителна сообраќајна и светлосна сигнализација.
Се уште е во целосен прекин сообраќајот на патот Прилеп -Ресен, кој е блокиран од свлечиште.Сообраќајот се пренасочува низ градот Битола. Сообраќајот на сите државни патишта се одвива по наместа влажни коловози, а во западниот дел од државата со остатоци на снег. Врнежи од слаб снег се бележат на Ѓавато.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани - Делчево, Виница - Берово каде е можна почеста појава на одрони.
