Започнаа Велигденските чествувања

09.04.2015 16:31

Со бојадисување на првите велигденски јајца уште рано в зори, домаќинките ги започнаа Велигденските чествувања. Јагнешкото пристигна во месарниците, пазарите се полни со намирници за збогатување на трпезата...

Уште пред изгрејсонце домаќинките ги вапсаа првите велигденски јајца - таков е адетот. И во домот на тетка Лиле се почитува традицијата. Првото јајце е црвено и неговото место е кај иконите, таму ќе стои во текот на целата година. Според верувањата - тоа ја чува куќата.

„Станувањето рано, вапсањето јајца  е традиција, велат јајцето не се расипува кога ќе се вапса пред да изгрее сонце. На пример, со првото јајце нас мајките ни ги поминувале образите за да бидеме здрави како што е црврсто јајцето“, вели Лилјана Петровска.

Освен црвените јајца, тетка Лиле се подготвува и за Велигденската трпеза на која ќе се собере целото семејство. Вели, секој сака богат ручек, но се е според можностите. И навистина е така. На три дена пред големиот христијански празник трговците тријат раце. Цените зголемени- граѓаните незадоволни. Јагнешкото кое е неизбежно на празничната трпеза е поскапо за 50 до 60 денари.

„Јагнешкото по 350 денари е цената, има побарувачка се троши не е лошо и лани беше таа цена и оваа година е истата“, велат од една скопска месарница.   

„Потешко потешко оваа година да се најде на трпезата, макар и Велигденска“.

„Скапо е. Кој може ќе земе кој не ќе го чека Велигден со зеленчук“, велат граѓаните.

Овошјето и зеленчукот и годинава ја достигнаа рекордно високата празнична цена. Раноградинарските култури не се достапни за сечиј џеб. 

„Поскапо е. На пример, една салата беше 20-25 денари, сега е 30-40.“

„Еве морковот на пример поскап е од претходно што беше 40-50 сега е 60 денари.“

„Поскапени се цените, и тоа многу се поскапени. Зеленчукот е поскапен, доматот, краставиците  се е поскапо“, велат граѓаните што ги анкетиравме.

Додека граѓаните незадоволни шетаат низ пазарите од зголемените цени, трговците двојно заработуваат.

Украсувањето на домот и богатата велигденска трпеза се нераскинлив дел од македонската традиција, сепак, граѓаните велат, големиот празник и овојпат ќе го одбележат скромно, колку што им дозволува домашниот буџет.

 

Андријана Атанасовска