Инцидент: Нонковиќ цел на вербален напад
Вербален напад од новинарот Петрит Сарачини кон неговиот колега од државната агенција МИА, Бобан Нонковиќ. Дописникот од Брисел вели дека имало обид и за физичка пресметка, но била избегната бидејќи не реагирал на провокацијата, а сведоци на настанот биле професорите од Високата школа за новинарство. Сарачини одби да даде изјава за МТВ. Во телефонскиот разговор ги негираше тврдењата на Нонковиќ...

Новинарот на државната агенција МИА и дописник од Брисел, Бобан Нонковиќ тврди дека вчера во просториите на Македонскиот институт за медиуми бил вербално нападнат од колегата Петрит Сарачини.
Нонковиќ објаснува дека имало обид и за физички напад кој е избегнат бидејќи не реагирал на провокацијата. Дописникот на МИА тврди дека Сарачини кон него замавнал со метална шипка за поставување на камерата.
„Не ме удри, но се закануваше, удираше по маса, го креваше накај мене, се внесуваше, притоа употребувајќи најпогрдни зборови, барајќи некакво извинување, кое не знам зошто би требало да му го дадам. Сето тоа се случуваше внатре во институциите, што ми е многу криво, се работи за високо- школска установа во која никогаш немало инцидент, секогаш биле коректни и ова беше всушност злоупотреба на местото“, вели Нонковиќ.
Се обидовме од Сарачини да ја слушнеме и неговата верзија за инцидентот. Тој одби да даде изјава пред камерата на МТВ, а во телефонскиот разговор рече дека тврдењата за напад не се точни. Се што имал, ќе кажел по празниците.
Нонковиќ тврди дека има и сведоци на нападот. Според него, дел од професорите од Високата школа за новинарство кои биле присутни на настанот, го спречиле Сарачини во намерата физички да го нападне.
Сарачини е новинар кој се декларира и како борец за човекови права, слобода на говорот и НВО активист.
Овој случај е кулминиација на зовриената атмосфера во новинарството. Се погласни и пожестоки се критичарите кои освен што ги делат новинарите на професионални и провладини, секојдневно продуцираат бројни закани, навреди и омаловажувања кон претставници од фелата.
Миле А. Ристески
