ВМРО-ДПМНЕ: Продолжуваме да бидеме со граѓаните

09.04.2015 17:26

Довербата на народот се добива на избори, а не со дестабилизација која сакаат да ја продуцираат челниците на сдсм - порака од трибината на ВМРО ДПМНЕ одржана во Виница. Според претставниците на владејачката партија, на симпатизерите на опозициската партија ќе им стане јасно дека биле изманипулирани. Тврдат дека ќе продолжат како и досега – да бидат со граѓаните, да ги слушаат нивните проблеми и да нудат решенија...

„Неисполнетите желби и фрустрации на неколкумина од челниците на СДСМ, кои не можaт на избори да ја добијат довербата на народот, резултираат со сценарија за дестабилизациј“, рече пратеникот Антонио Милошоски на трибината во Виница. Вели дека и на симпатизерите на СДСМ ќе им стане јасно дека биле изманипулирани да поверуваат во креирани материјали.

Илија Димовски рече дека исти луѓе, поврзани со скапо платена фондација, со години креираат дестабилизирачки сценарија, а тоа го прават со навреди, омаловажувања и хајка против неистомислениците. Праша - зошто во времето на СДСМ не се градеа булевари, не се зголемуваа пензиите и социјалната помош,  зошто немало мерки за вработување. Потсети и на  24-ти декември пред 2 години.

Претставниците на владејачката партија порачуваат дека ќе продолжат како и досега – да бидат со граѓаните, да ги слушаат нивните проблеми и да нудат решенија што ќе ги остваруваат.

Од Виница најава за влез на холандска инвестиција која треба да ја отвори вратата за 50-тина работни места,  потоа изградба на станови за семејства со социјален ризик, а до крајот на годината ќе почне и реализацијата на новиот патен правец од Кочани преку Виница до Делчево, проект во кој ќе бидат инвестирани 10 милиони евра.

Наташа Гркова- Петрушевска