Обемот на светските девизни резерви се намалува

14.04.2015 12:46

Oвој тренд повлекува и намалување на побарувачката за обврзници на емисионите банки на САД и на ЕУ...

Доларот лани ја зајакна позицијата на доминантна светска валута. Анализите на ММФ, говорат дека уделот на доларот во светските резерви се зголемил до петгодишен максимум и достигнал 63%, додека учеството на еврото паднало на само 22%, односно   минимумот забележан во 2002 година.

Се намалува и вкупниот обем на светските девизни резерви, а овој тренд повлекува и намалување на побарувачката за обврзници на емисионите банки на САД и на ЕУ.

Според агенцијата „Блумберг“, завршува интересот на светските Централни банки за доларот кој доминира во последните 100 години. Вкупниот обем на светски девизни резерви паднал за 400 милијарди долари и сега изнесува 11,6 трилиони, што е намалување од рекордното ниво од 12,03 трилиони забележано во август 2014-та.

Во минатата деценија централните банки, меѓу кои најмногу на Кина и на Русија, ги билдаа своите девизни резерви во просек за 824 милијарди долари годишно. Падот, како што велат аналитичарите можеби е преценет, бидејќи енормниот раст на доларот ја симна вредноста на другите валути, но факт е дека се намалува интересот за зголемување на девизните резерви во светот, предизвикано од глобалната финансиска криза.

Свето Николовски